Уште неколку часа го делеа заљубеното момче од денот Д. Ден кој требаше да се преживее, … ама како, е тоа беше вистинско прашање на кое немаше валиден одговор.
Смислуваше разни стратегии на однесување, Де вака, Де така, Да се биде ладен како шприцер, Искулиран како борачите во ринг, Да ја сврти сериозноста на настанот на шега па макар и на своја сметка.
Ништо од сето тоа не помогна. Се приближуваше кон салата за свечености и веќе чувствуваше како грлото му се стега во една голема кнедла. Нозете му се кочеа, назад да се вратат. Бадијала дома вежбаше пред огледало, Со среќа нека Ви е, Ви честитам. Со среќа нека Ви е…
Го избра вториот ред од седиштата за да се присокрие кога ќе го слушне судбоносното ДА.
Го знаеше целиот текст напамет и кога веќе требаше да се изговорат волшебните зборови, силно замижа, ги преплетка прстите стегајки ги и во себе изговори молитва, Мили Боже, целата моја среќа додели и ја нејзе.
Додека ги разменуваа прстените силно трепкаше со очите да не се стркала некоја невоспитана солза низ образот. Се присети и на рачно изработениот прстен од ореово дрво и ореова лушпа. Ах, детски ветувања, со овој прстен се заколнувам дека вечно ќе Те сакам.
Под некој агол и го гледаше лицето. Сакаше да извлече одговор на многу прашања, Дали е среќна, Зошто му раскина, Зошто така набрзина и уште уште илјадници Зошто.
Кога излегуваа од салата за свечености и заминуваа во ресторанот на вечера размислуваше дали и е ладно во таа тенка бела свилена кошулка. Дури и посака да и го понуди своето сако како некогаш кога седеа на седенките до фајронт во летна бавча.
На првиот бал што го отвараат младенците точно му ги гледаше грешките во чекори на младоженецот. Ах, си мислеше, ја сум многу подобар во Виенскиот валцер. Фустанот и беше така разигран и и се оцртуваше нејзината убава става. Одсекокаш таа имала вкус за убаво облекување ама оваа вечер стварно беше прекрасна принцеза како тој што посакуваше да му биде.
Но не му бидна. Не нему. Бидна на својот најверен другар.
Така течеше веселбата а тој целиот стутулен во аголот на салата, таму зад еден столб ја подигаше чашката со стара лозова жолта секогаш кога ќе ја видеше со насмевка на лицето.
И беше среќен, ееј Таа е насмеана, среќна е.
И сите ние така претпоставуваме.
Потоа ништо спектакуларно не се случи. Се случи понеделник, па вторник, па еден месец, па друг, па една година, …и така со ред.
Секое добро на сите принцези на овој свет. Бидете среќни.